13.11.2012, 15:58 (ФОТО) „Феникс“ ја отвори првата евтина книжарница во земјава
Во неа над десет илјади книги од сите македонски издавачи ќе се продаваат по просечна цена од 100 до 200 денари
ФОТО: Киро Попов
Првата аутлет-книжарницата „Феникс“ во Македонија беше отворена вчеравечер во близина на Универзална сала, во чест и во пресрет на Денот на Скопје, кога воедно беше промовирана и антологијата „Планета Скопје“, во која се застапени 30 македонски автори со проза, поезија и есеи посветени на Скопје.
Книжарницата ја отворија писателите Јордан Плевнеш и Александар Прокопиев, а во неа над десет илј��ди книги од сите македонски издавачи ќе се продаваат по просечна цена од 100 до 200 денари. Покрај белетристиката, разговорниците и речниците, енциклопедиите и детските изданија, ќе бидат застапени и научни и стручни книги, а акцентот посебно ќе биде ставен на квалитетните, а евтини книги.
„На околу 100 квадратни метри простор на две нивоа, книжарницата ќе биде место и средиште за промоции, авторски средби, разговори, трибини, дебати и конференции за печатот за книжевни и културни настани. Пониските цени на книгите секогаш се привлечни, а тоа не значи дека таквите книги се и понеквалитетни. Напротив, станува збор за ретки и значајни, а евтини книги, од кои читателите ќе имаат можност да направат и посебни мали библиотеки во своите домови. Верувам дека оваа одлична и благородна идеја и иницијатива набрзо ќе профункционира и кај нас наместо постојаните минисаеми во речиси сите книжарници и од страна на сите издавачи, па евтината книжарница ќе ги обедини сите издавачи и сите изданија на едно место. На овој начин, не ќе мора да се чека и очекува пролетниот Саем на книгата во Скопје, кој се одржува само еднаш во годината, туку саемските попусти ќе бидат во текот на целата година, па пролетта за книгата, купувачите и читателите ќе трае и во останатите годишни времиња“, вели основачот и директор на издавачката куќа „Феникс“, писателот Христо Петрески. (К.Б.)
|