06.11.2012, 14:30 Почнува „Локомоушн“, танц-фестивал за 2.600 евра
Во четврток и петок во МКЦ ќе се одржи петтото издание на фестивалот за современ танц „Локомоушн“, а ќе го збогати интернационалната манифестација „Номад танц застапува“
Тина Иванова
Петтото издание на фестивалот за современ танц и перформанс „Локомоушн“, кој годинава го носи насловот „Фестивал за 2.600 евра“, ќе се одржи четврток и петок во Младинскиот културен центар со почеток во 19,30 часот. Фестивалот е во организација на „Локомотива“, но годинава, во соработка со „Номад танц академијата“, ќе го придружува и паралелната интернационална ��анифестација „Номад танц застапува“, која ќе се одвива во попладневните часови.
„Локомоушн“ годинава нуди шест перформанси, од кои две ќе се изведат во првата вечер, а преостанатите четири во втората. Фестивалот го отвора кореографијата „Бејби! Епизода 3/Long Distance Creationship“ на Селина Лареровиќ позната како Селин Ларер од Франција и Јана Јевтовиќ од Србија, Канада, додека јавна презентација ќе има Драгана Алфиревиќ од Србија, која се занимава со физички театар. Во 20,30 часот фестивалот продолжува со перформансот „Temporaries“ чии автори и изведувачи се Ана Дубљевиќ, Душан Броќиќ, Игор Коруга, Љиљана Тасиќ, Јована Ракиќ Кисечиќ и Марко Милиќ од Србија.
Втората фестивалска вечер почнува со македонскиот перформанс „Кинестезија 1“, чија кореографија и концепт е на Искра Шукарова. Музиката е на групата „Андан проект“ во состав: Ронит Бергман, Дориан Јовановиќ и Филип Митров, додека изведувачи на перформансот се студенти од втора и трета година на програмата за Современа танцова педагогија при Факултетот за музичка уметност: Бистра Делиниколова, Викторија Илиоска, Елена Ристеска, Елизабет Колевска, Стојка Спиридоновска, Олгица Илиева и Марија Андева.
Љубителите на современиот танц во оваа втора вечер ќе имаат можност да ги погледнат и проектите: Вежбанка по кореографија за внимание, под наслов „Точка од која нема враќање“, чиј концепт и кореографија се на Далија Аќин Теландер од Србија, „Transformability“ по концепт и режија на Вили Прагер од Германија, во соработка со Соња Преград и Тиан Ротивил и „Hot Lollipop“ на авторите и изведувачите Љиљана Тасиќ и Душан Броќиќ од Србија.
„Локомоушн“, велат организаторите, е фестивал кој го преиспитува фестивалското, кој нуди нови динамики, кој се заложува да претставува нови авторски дела, фестивал кој во Македонија отвора нови простори за современата уметност и култура. „И годинава, и ова петто издание, немаше да се реализира, пред се', без помош на авторите - учесниците на фестивалот. Авторите - учесниците на фестивалот, организаторите, програмерите..., решија дека сите заедно ќе го поддржат фестивалот, да биде видлив и да продолжи, но и одлучија дека професионалната заложба - солидарноста, не смее да биде користена на штета на авторите, луѓето кои творат. И затоа, повеќе на ваков начин, на штета на авторите и без потребни финансиски средства, фестивалот нема да може да се реализира. Како ќе продолжи понатаму, е едно од прашањата кои ги отвора годинешниот фестивал“, велат од „Локомотива“.
Затоа овој „Локомоушн“ прашува: Зошто некои автори да бидат платени за своите дела, а некои не? Дали се смалува просторот каде што може да се твори, да се прикажува современата уметност? Дали треба да се ангажираме во неплатени работи за да го одржиме тој простор кога гледаме дека оние кои творат во другите простори се добро платени за своите дела? Зошто автор на современа танцова претстава не може да добие средства за свое ново дело, или добива средства со кои не може да продуцира свое дело? Зошто си одат младите автори од Македонија?„Номад танц застапува“, пак, е настан на кој ќе присуствуваат педесетина уметници, менаџери, креатори на културни политики, претставници од фондации, консултанти итн., кои во двата фестивалски дена ќе разговараат за иднината на современиот танц во регионот на Балканот.
На овој настан ќе се дискутира за сфаќањата околу партнерство помеѓу уметниците и креаторите на културните политики, уметноста и процесот на донесување одлуки, сфаќањата за вистинската соработка и заедничко работење.
Инаку, „Номад танц застапува“ се реализира во соработка меѓу Швајцарската програма за култура на Западен Балкан - Cultural Network Development Project, Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства при Фондацијата „Отворено општество - Македонија“ и „Алијанс културштифтунг“. Фестивалот „Локомоушн“ е поддржан од Министерството за култура на Македонија и Град Скопје. |