08.11.2012, 15:25 Се укинува мерката за условен увоз на брашно
Владата ќе ја укине својата мерка за условен увоз на брашно со откуп на домашна пченица. Решението било донесено по образложувањето на сите аргументи за состојбата во мелничката индустрија.
„Имавме квалитетна дискусија на која утврдивме дека постои простор за укинување на мерката за да може да се дозволи увоз на брашно“, изјави денеска министерот за земјоделство, Љупчо Димовски.
Тој нагласи дека брашното што ќе се увезува ќе мора да биде квалитетно и во согласност со македонските прописи.
„Тука нема да има никаква отстапка. Секој што мисли дека во Македонија може да се пласира брашно со несоодве��ен квалитет, се излажал. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе врши ригорозни контроли на сите испораки и увозни пратки“, истакна Димовски.
Министерот најави дека од почетокот на идната година уште повеќе ќе се заострат критериумите за увоз на брашно во однос на квалитетот.
Мерката што ја воведе Владата пред жетвата, која ги обврзуваше трговците за секој килограм увезено брашно да купат четири килограми домашна пченица, беше со цел заштита на домашното производство и одржливост на мелничко-пекарскиот сектор. (Ек.Р.) |