08.11.2012, 14:44 Владата го усвои предлог планот за евроинтеграции
Предлог-акцискиот план за евроинтеграции за 2013 е усогласен со препораките кои се во Извештајот на Европската комисија за 2012 година
Владата на Република Македонија го усвои Предлог-акцискиот план за евроинтеграции за 2013, изјави денеска премиерот Никола Груевски по официјалното отворање на втората делница од реконструираната улица „Козле“ во општина Карпош.
Предлог-акцискиот план за евроинтеграции за 2013, како што додаде, е усогласен со препораките кои се во Извештајот на Европската комисија за 2012.
- Пред околу една недела на седница на Влада ги разгледавме сите точки, а претходно помина и низ сите институции и комисии и по една опсежна и длабинска дискусија го донесовме новиот патоказ кој е усогласен со препораките кои ги имаме во Извештајот за 2012. Потоа го доставивме до Парламентот кој ќе расправа за него, па потоа ќе треба да биде разгледан и во Брисел, рече Груевски.
Откако ќе се врати од Парламентот и од Брисел, додаде, планот ќе биде конечно усвоен. - Се надевам во текот на овој месец и потоа ќе се фокусираме на сите обврски кои се дел од новиот патоказ. Тука, се разбира, влегуваат и некои постари кои беа датирани за декември и јануари во претходниот патоказ, додаде тој.
Говорејќи за реформите, Груевски посочи дека остануваат на цврстата заложба не само заради тоа што тие се важни и значајни за натамошното зачленување во ЕУ, за нашиот евроатлантски пат, туку и заради тоа што со нив всушност се подобрува секојдневното живеење и решавање на многу проблеми со кои се соочуваме. - Тоа се класични позитивни реформи, додаде премиерот.
Премиерот Никола Груевски оцени дека Македонија има изградено една добра структура на кадар во државните институции која, како што рече, е подготвена да се носи со почеток на преговори, со преговори во еден сериозен преговорачки процес, доколку тоа ни биде овозможено.
- За тој дел би кажал веќе имаме релативно добро обучена структура на луѓе. Над 800, можеби илјада луѓе работат на сите овие 33 поглавја. Се повеќе се специјализирани затоа што се повеќе се во допир со оваа материја. Одат на сите потребни обуки кога има такви можности, изјави премиерот. |