07.11.2012, 16:21 Обвинителството чека потврда од Босна за нова истрага
Обвинителството засега не сака да ги коментира најавите дека Босна и Херцеговина отвора нова истрага за падот на владиниот „кингер“.
„Се' додека не добиеме официјална потврда од надлежните институции од БиХ не можеме ништо да коментираме. Не треба да се заборави дека супремација во истрагата има босанското обвинителство, на чија територија се случи авионската несреќа“, вели државниот јавен обвинител Љупчо Швргоски.
Тој не сака во овој момент да се впушта во оцени, ни дали во извештајот на експертската група, кој со месеци се анализира во скопското Обвинителство, навистина постојат четири нови докази што фрлаат поинаква светлина на причините за авионската несреќа.
Шефот на комисијата за истражување на воздухопловни несреќи при Министерството за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ, за македонските медиуми потврдил дека нашле доволно докази за отворање нова истрага околу причините за падот на „кингерот“ во кој загина македонскиот претседател Борис Трајковски и осуммина членови на кабинетот и пилотите. Решението со кое се отвора нова истрага за неколку дена ќе ја испратат до македонските власти.
Владиниот „кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина се урна на 26 февруари 2004 година во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Хусковиќи во близината на Мостар. Остатоците од авионот и настраданите беа пронајдени 24 часа по уривањето. Официјалната верзија за овој случај беше дека станува збор за авионска несреќа предизвикана од пилотска грешка и неповолни временски услови. (Г.Д.)
|