09.11.2012, 15:41 Промовирана книгата „Господ не е голем“ на Кристофер Хичинс
„Атеистите можете слободно да ги сместите на листата не само на малцински, туку и ранливи групи, со оглед на третманот кој го имаат во македонското општество“, напиша меѓудругото во својата промотивна реч, Билјана Ванковска, професорка на Филозофскиот факултет, по повод денеска одржаната промоција на книгата „Господ не е голем“ од писателот и новинар Кристофер Хичинс, што на македонски јазик за прв пат ја издаде Фондацијата Отворено општество-Македонија.
Промоцијата беше првиот дел од, воедно одржаната дебата на која се разгледуваа различни погледи за религијата денес. „Благодарение на ова издание, „иконата на атеизмот“ Кристофер Хичинс стаса и во Македонија, која мнозина сакаат да ја нарекуваат Библиска земја. Мнозинството граѓани веројатно никогаш и не слушнале за овој брилјантен човек, а една книга е премалку да се долови она што беше една од централните теми на неговиот животен пат“, потенцира Ванковска. Таа познатиот автор кој почина минатата година, а кого многумина сеуште го сметаат за еден од најбрилјантните новинари од нашето време (Лондон обзервер), го опиша како „страствен оратор, полемичар и ангажиран интелектуалец кој одбиваше наметнати авторитети, световни или божествени, дури кога беа оправдувани за општо добро“.
Кристофер Хичинс остави незаборавни остри, критички текстови пишувани од, и за различни делови на светот. Беше и уредник на списанието „Венити феар“, а светот ќе го памети и по храброста до последниот ден, самиот да известува за сопствената болест, рак на хранопроводот. Промовирајќи ја книгата, уредникот на „Темплум“, Никола Гелевски потсети дека досега во Македонија текстови на Хичинс беа објавувани во изданијата на оваа издавачка куќа, во некој од броевите на „Маргина“, но и на веб- порталот „Окно“. (К.Б.)
|