12.11.2012, 15:31 (ФОТО) Триумф на Тејлор Свифт и Џастин Бибер
Манекенката Хајди Клум, која беше водителка на доделувањето на Европските музички награди на Ем-ти-ви, го привлече вниманието со „шлаканици“ на голите машки задници на сцената
Американската кантри-пејачка Тејлор Свифт и канадската поп-ѕвезда Џастин Бибер беа главни ѕвезди на церемонијата на доделувањето на Европските музички награди на Ем-ти-ви, што 19. пат се одржаа завчера во концертната сала „Фестхале“ во Франкфурт.
Двајцата освоија по три награди: 22-годишната Тејлор Свифт победи во категориите „Најдобар женски изведувач“, „Најдобар изведувач во живо“ и „Најдобар изглед“, додека Џастин Бибер (18) доминираше во категориите „Најдобар машки изведувач“, „Најдобар поп-изведувач“ и „Најдобра сценска изведба“.
Ријана, која имаше најголем број номинации, дури шест, не освои ниту една награда. Наградата за „Најдобар спот“ ја освои јужнокорејската поп-сензација Псај за песната „Гангам стајл“, додека покојната американска пејачка Витни Хјустон беше посмртно одликувана со специјалната награда „Глобална икона“.
„Ова е преубаво. Првпат учествувам, настапувам и сум номиниран - и тоа како азиски, корејски уметник, така што не знам што да кажам“, им изјави Псај на новинарите, додавајќи дека неговиот нов албум ќе има повеќе песни на англиски јазик.
„Гангам стајл“ на „Јутјуб“ е погледнат повеќе од 670 милиони пати и има рекордни 4,9 милиони лајкови на „Фејсбук“ од објавувањето во јули.
Ем-ти-ви оваа година го одбра циркусот како главна тема на доделувањето на наградите во стогодишната концертна сала, а Рита Ора ја отвори церемонијата со изведување на својот хит „R.I.P.“ од огромен кафез за птици.
Водителка беше манекенката Хајди Клум, која го привлече вниманието на присутните и на јавноста со „шлаканиците“ на голите машки задници на сцената. Во меѓувреме пет пати се прособлече со што се погрижи нејзиниот настап да остане добро запаметен.
Доделувањето на наградите Ем-ти-ви минатата година во Белфаст привлече околу 23 милиони гледачи. Оваа година наградите ги следеа рекордни 184 милиони гледачи онлајн и преку мобилните телефони.
|