01.11.2012, 14:59 Филмот за Мајкл Џексон доаѓа во Скопје
„Споменик на Мајкл Џексон“ на бугарскиот режисер Дарко Лунгулов ќе се снима и во Македонија, а во него играат и Тони Михајловски и Петар Мирчевски
Во тек е снимањето на филмот „Споменик на Мајкл Џексон“, и наскоро екипата треба да го продолжи снимањето во Македонија.
Ова е второ авторско дело на бугарскиот сценарист и режисер Дарко Лунгулов, кој со неговиот претходен филм „Таму и овде“ ја доби наградата за најдобар дебитантски филм на Интернатионалниот филмки фестивал „Трибека“ во Њујорк. Со неговиот нов проект Лунгулов, исто така, победи на минатогодишниот „Манаки скрипт корнер“ за најдобро сценарио.
„Споменик на Мајкл Џексон“ е црна комедија која инспирацијата ја добива од несекојдневниот и необичен тренд на изградба на споменици на холивудски херои и поп икони на балканските простори (Брус Ли, Роки, Тарзан.....). Но, пред се', тоа е филм кој зборува за бизарноста на нашето секојдневие, за расизмот, за насилството и неприфаќањето на се' што е ново и различно од нашето опкружување, низ неколку шармантни и необични ликови.
Актерската екипа која ни ја раскажува приказната за споменикот на Мајкл Џексон е составена од Драган Бјелогрлиќ, Мирјана Карановиќ, Борис Трифуновиќ и нашите: Тони Михајловски и Петар Мирчевски.
„Споменик на Мајкл Џексон“ е копродукциски проект помеѓу Србија, Германија и Македонија и има добиено финансиска поддршка од Македонскиот филмски фонд како и од „Еуроимаж“.
Авторскиот дел на тимот кој го реализира овој проект е составен од реномирана екипа на интернационални автори меѓу кои се и Матијас Шоенинг како директор на фотографија, Кирил Спасевски е главен сценограф, за костимите се погрижи Зора Мојсиловиќ, додека снимател на звукот е Игор Поповски.
Македонски продуценти на филмот се „Дрим фектори“ и „Ака филм“.
|