02.11.2012, 14:14 Црна Гора ја „тресна“ Германија!
Избраниците на Зоран Кастратовиќ, сопруг на македонската ракометна легенда Индира и некогашен селектор на женската репрезентација на Македонија, славеа во Манхајм со 31:27!
Ракометарите на Црна Гора приредија сензација, нанесувајќи и' го првиот пораз на Германија на домашен терен откако квалификациите за европските првенства се играат во групен формат. Избраниците на Зоран Кастратовиќ, сопруг на македонската ракометна легенда Индира и некогашен селектор на женската репрезентација на Македонија, славеа во Манхајм со 31:27! Германците уште и треба да бидат среќни што избегнаа поголема бламажа, бидејќи осум минути пред крајот губеа со 28:20!
Голманот Раде Мијатовиќ забележа дури 14 одбрани во првото полувреме, вкупно 24 на средбата, а во содејство со својата одбрана му дозволија на домаќинот само два гола за 11 минути. Црногорците на полувремето водеа со 17:11, но во последните десет минути им овозможија на „панцерите“ да се спасат од уште поголем срам.
Бекот Драшко Мрвалјевиќ беше најефикасен со осум гола, благодарение и на вечерта за заборав на германските голмани Силвио Хајневетер и Карстен Лихтлајн. Единствена светла точка во домашниот тим беше пикерот Патрик Винчек, кој постигна шест погодоци.
Олимпискиот и светски шампион Франција и без Никола Карабатиќ беше пресилен за Литванија, совладувајќи ја дома со 27:18, иако до 26. минута водеше само со 10:9 во мечот од третата квалификациска група.
„Сребрените“ Швеѓани од Игрите во Лондон стартуваа со домашна победа над Украина од 27:23 во рамките на петтата група.
|