02.11.2012, 14:24 (ФОТО) Итна медицинска помош доби 69 нови возила
Возилата се опремени со ЕКГ апарат, дефибрилатор, телемедицина, со надворешен пејсмејкер, респиратор и друга опрема и ги задоволуваат најновите еколошки стандарди
ФОТО: Петр Стојановски
Службите за итна медицинска помош во земјава денеска добија 69 нови амбулантни возила „рено“, врвно опремени со ЕКГ-апарат, дефибрилатор, телемедицина, со надворешен пејсмејкер, респиратор и друга опрема, и кои ги задоволуваат најновите еколошки стандарди. За скопската служба се планирани десет возила, а другите градови ќе добијат по едно возило.
За овој капитален проект во здравството се издвоени околу 4,5 милиони евра. На промоцијата на возилата присуствуваше премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
„Следниот чекор е вработување на 80 доктори во сите центри на итна помош со што кадарот во овие служби ќе се зголеми за над 25 проценти, што историски е најголемо зголемување на бројот на доктори во итната помош во последните 20 години. Со сите овие мерки и активности итната помош ќе реагира побрзо и побрзо ќе пристигнува на местото на настанот и ќе понуди современ медицински третман“, рече Тодоров.
Паралелно со набавката на новите возила, се реализира и обука на докторите во итната помош, која трае веќе две недели. Се планира да се набави и тетра- систем на комуникација во возилата со кој практично ќе може возилата квалитетно да комуницираат меѓу себе и со болниците и клиниките за да знаат каков пациент имаат. А во тек е набавка и на таблет-компјутери за амбулантните возила на кои ќе бидат поставени сите протоколи и упатства за гласовно пребарување за десетте најфреквентни болести.(Ј.Ј.В.)
|