01.11.2012, 15:41 Министерот барал списоци на лекарите штрајкувачи?
Наместо рака за помирување или утврдување на правилата за штрајкување, Министерот за здравство Никола Тодоров, како што тврдат од Клиничкиот синдикат, од директорите на клиниките и другите здравствени установи побарал список на лекарите штрајкувачи. Без разлика на намерата за списокот, за сидникалците, како што се вели во соопштението до јавноста од Клиничкиот синдикат, останува нејасна „загриженоста“ на Тодоров за штетните последици за штрајкувачите за условно незаконски организираниот штрајк, која повеќе ја чувствуваат како директна закана.
Зошто со директорите не ги дефинирале минималните услови за работа во случај на штрајк, туку побарал списоци на штрајкувачите, министерот Тодоров на вчерашната прес конференција не сакаше да одговори, за да не се дефокусира вниманието од темата на пресот посветен на самоубиствата.
За да повторно штрајкот не биде незаконски, синдикатот сам ги изготвил минималните услови за работа кои ќе ги достават и до министерот и до директорите. „Повторно јавно го повикуваме министерот на преговори со цел изнаоѓање заедничко прифатливо решение, а директорите да ги изготват правилниците“, порачуваат синдикалците кои велат дека се разочарани од начинот на кои институциите на системот ги решаваат нивните барања, без волја за решение. (Ј.Ј.В.)
|