02.11.2012, 15:35 (ФОТО) ДУИ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за диктатура
Според „интегративците“, предлогот за ограничување на дискусиите во Комисијата за труд и социјална политика е недемократски
ФОТО: Петр Стојановски
Расправата за законот за бранители, неодамна поднесен од ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка, а за кој ДУИ предложи илјадници амандмани, уште не почната, заглави во деловничките лавиринти во Комисијата за труд и социјална политика. Пратениците на ДУИ, кои денеска триумфално влегоа еден позади друг во салата носејќи ги десетиците кутии со амандмани, го обвинија коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ дека врши диктатура со предлогот за ограничување на дискусиите во ова работно тело, аналогно на начинот на работа на пленарните седници, .
Од причина што партиите, делејќи се повторно во етнички блокови, не можеа да постигнат договор за начинот на кој ќе работи Комисијата, „интегративците“ побараа прекин на седницата, со образложение дека за оваа пат ситуација мора да се побара помош од Комисијата за имунитетно мандатни и деловнички прашања. Претседателката Цветанка Иванова им удоволи на ова барање, помагајќи им со мала правна аситенција дека за тоа најпрвин мора да поднесат барање до претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, кој денеска го славеше својот јубилеен 50. роденден.
„Со ова се прави преседан, диктат, да не речам диктатура. Барањето за ограничување на дискусиите е недемократски потег на една пратеничка група“, порача Неџат Јакупи од ДУИ.
За неговиот сопартиец Арбен Лабеништа тенденцијата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна, дури, како што кажа, и поголема од самиот закон за бранители. „Целта е да им се затвори устата на говорниците. Зборувај 10 минути, а потоа седни си, бидејќи ние имаме мнозинство и така сме одлучиле“, иронизираше Лабуништа.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Веле Георгиевски, предлогот за ограничување на дискусиите не е недемократски.
„Не сме диктатори како што велите вие. Целта е да се интензивира работата на оваа Комисија. И тоа не е новост. Бидете сигурни дека Законот за бранители ќе биде донесен. Тој ниту е противуставен, ниту антиалбански, затоа што меѓу бранителите имаше припадници на сите националности“, рече Георгиевски. (Н.К.)
|