01.11.2012, 16:22 „Мојот ум не размислува за перење пари“
Јован Вранишковски и неговите следбеници денеска се појавија на обвинителна клупа, каде им се суди за злоупотреба на црковни пари
Јован Вранишковски првообвинет во случајот „Расколник“ денеска се појави на обвинителна клупа. Заедно со уште 18 следбеници, членови на таканаречената ПОА одговараат за перење пари. Излагањето на Вранишковски пред судот не траеше повеќе од половина час. Својата одбрана тој ја започна со кажување дека му се кршат основните права, бидејќи издржува мерка притвор, а веќе е осуден во друга судска постапка. Вранишковски смета дека најновото обвинение за перење пари, е само продолжение на неговата „петгодишна судска голгота“, бидејќи веќе одговарал за предизвикување на верска и расна омараза, а потоа и за самовластие.
Според неговото објаснување, тој еднаш веќе одговарал за сумата од 14.804.211 денари, но дека во два наврати му била изречена ослободителна пресуда откако вештачењето покажало дека не злоупотребил црковни пари.
„Се работи за истиот износ. Јавниот обвинител веројатно не знае дека тоа се четири годишни буџети на една цела епархија. Ова значи дека ништо не се плаќало, не се исплатувале плати и дека ништо не се инвестирало четири години, а сите пари сум ги задржувал за себе“, рече Вранишковски и појасни дека тој станал архиепископ од редот на монасите што, пак значи дека не смеел да остварува никаква лична корист.
Вранишковски рече дека е нелогично да биде обвинет за перење пари за периодот од 1998 до 2002 година, а случајот да се разгледува дури годинава. Негирајќи дека е виновен, тој кажа дека тој од почетокот на март до декември минатата година бил надвор од државава, а дека од почетокот на август 2006 до април следната година бил на издржување за затворска казна. Тој појасни дека не можел да исплаќа никому пари од затворската ќелија, ниту да купува плацеви за потребите на ПОА, бидејќи бил надвор од земјата.
„Знам за купувањето на простор за потребите на здружението ’Анастасија’. Јас морав да бидам известен. Пари не сум давал на никој од сега обвинетите, а ми давале мене. Перењето пари не е работа за која размислува мојот ум“, рече расчинетиот владика на МПЦ, Јован Вранишковски. (Љ.С.)
|