01.11.2012, 15:25 Иванов до Плевнелиев: Сакаме да разговораме за иднината
Подготвени сме со сите наши соседи да разговараме на официјални средби за сите отворени прашања и да најдеме одговор, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Сочи запрашан како ја коментира изјавата на неговиот бугарски колега Росен Плевнелиев дека ќе судат според делата, а не според писмата.
- Се согласувам со изјавата на бугарскиот претседател. Потребни се дела. Подготвени сме со сите наши соседи да разговараме на официјални средби за сите отворени прашања. Се надевам дека тоа ќе го направиме на некоја идна средба, а не преку медиумите. Не очекува заедничка иднина и сакаме сите да придонесеме да бидеме дел од неа, истакна Иванов.
Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, како одговор на писмото на претседателот Иванов дека Македонија и Бугарија заеднички може да слават три датуми, изјави дека писмата и идеите за работни групи што доаѓаат од Македонија се една работа, а она што е важно се резултатите во интерес на добрососедските односи.
Македонскиот претседател во одговорот на писмото на својот бугарски колега напиша дека Македонија со Бугарија заеднички би можеле да ги прославуваат Денот на Европа, денот кога Бугарија ја призна Македонија и денот кога двете држави воспоставија дипломатски односи.
„Идеологизирањето на историјата и промената на фактите се опасна алатка која е управувана од политичарите за краткорочни интереси и може да доведе до трајни оштетувања, па затоа е најдобро тоа прашање да е оставено на историчарите“, напиша Иванов во писмото до Плевнелиев.
|