01.11.2012, 15:11 Пожар во фабриката на тутунскиот бос Бајруш Сејдиу
Претпладнево пред 11 часот во центарот на Куманово избувна пожар во еден од објектите на поранешниот мелничко пекарски комбинат „Житомел“, во сопственост на тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, осуден за случајот „Пепел“.
Четири возила на територијалната противпожарна единица интервенрираа во локализирањето на пожарот. Во пожарот нема повредени лица, а причинетата материјална штета и причината за настаувањето на пожарот допрва ќе се проценуваат.
„Веднаш по дојавата на пожарот пристигнавме околу 11.15 часот. Засега пожарот е под контрола, нема оспасност од понатамошно проширување, но екипите ќе дежураат и понатаму, вели командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Градоначалникот на општина Куманово го посети опожарениот објект.
„Тука сме затоа што во близина има два јавни објекти ОУ „11 Октомври“ и објект на детската градинка „Ангел Шајче“ за да знаеме дали ќе треба да се заштитат овие објекти. Сепак, во објектот нема електрична енергија“, изјави градоначалникот Дамјановски.
Во близина на објектот на „Житомел" се наоѓаат и административните згради на Центарот за социјални работи и на Агенцијата за вработување, а отспротива се повеќе стамбени објекти. Увид на местото на настанот, извршија истражен судија и полицијата.
Ова е втор пожар кој се случува на објекти на порашената фирма за производство на леб и бели печива „Житомел". Во јули годинава во пожар изгоре млинот на „Житомел".
|