02.11.2012, 15:34 Наскоро паричниците ќе ги замениме со мобилни
Македонските граѓани од крајот на годинава ќе може одредени услуги да ги плаќаат преку мобилен телефон, интернет или кабелски провајдер. Ова е предвидено во измените на Законот за платен промет што денеска ги објави министерот за финансии Зоран Ставрески, а произлегуваат како потреба наметната на современиот начин на живеење и современите технологии.
„Со измените на Законот се воведува современа можност за дополнителен начин за плаќање на услугите преку мобилен телефон или интернет и кабелски провајдер. Со измените се овозможува мобилните оператори да постават терминали и со приложување на мобилниот телефон, исто како што се плаќа со кредитна картичка, плаќањето да се активира преку мобилен со внесување пин. Потоа на крајот на месецот трошокот ќе биде вклучен во фактурата која ќе ви ја достави мобилниот оператор. Истото ќе може да се направи преку сметките за кабелски и интернет-провајдери“, појасни на прес- конференција министерот Ставрески.
Тој додаде дека ќе може на овој начин да се плаќа и за артикл или за некоја услуга која е порачана од дома и испорачана во домот.
Според министерот, ова ќе придонесе за зголемена конкуренција во платниот промет, намалување на провизиите и ќе значи олеснување на граѓаните да имаат повеќе опции на располагање за плаќање некоја услуга.
„Секој од нас понекогаш бил во ситуација да е на некое место, во ресторан, на пример, и да го заборави паричник, или немате кредитна картичка и нема начин како да се плати сметката“, рече министерот.
Според измените во Законот, плаќањата ќе бидат ограничени за поединечен износ до 1.000 денари, а вкупно во текот на месецот за 6.000 денари. Кај поединечните оператори ограничувањето на вкупните трансакции што ќе може да се платат на ваков начин е 100 милиони денари месечно за сите корисници на услуги.
За да може да се користи оваа можност ќе треба да се склучат договори меѓу операторот, односно посредникот и оној што ја дава услугата, а исто така секој од нив ќе треба да добие одобрение од Народна банка преку исполнување одредени капитални и технички услови. Тоа е за да нема нема злоупотреби и технички и други проблеми. (Ек.Р.) |