01.11.2012, 14:27 Харден како ракета, нов пораз на Лејкерси
Бекот на Хјустон блескаше во Детроит (106:95), Портланд подобар од „езерџиите“ со 116:106.
Новата вечер во НБА-лигата донесе многу возбудувања, а најголем белег оставија маестралното деби на Џејмс Харден во дресот на Хјустон и новиот пораз на Лејкерси во Портланд. Уште по првата официјална средба челниците на Рокетси сигурно не жалат што пред самиот почеток на сезоната се засилија со Харден. Бекот на Хјустон блескаше на гостувањето во Детроит, забележувајќи 37 поени, шест скока и 12 асистенции за победа на неговиот тим од 106:95.
„Само сакав да излезам на паркетот и да играм. По сите приказни и целото лудило што се случуваше минатата седница - едноставно само посакував повторно да заиграм кошарка“, вели Харден. Покрај него еден најзаслужните за триумфот на Хјустон беше Карлос Делфино. Аргентинецот во последната четвртина постигна 15 поени од кои пет тројки.
„Дрим тимот“ од Лос Анџелес засега останува само на хартија. Големите вложувања, нови ѕвезди во екипата засега не се доволни за „езерџиите“да дојдат барем до една победа. По срамните 0-8 во претсезоната, трофејниот калифорниски тим со два порази стартуваше во новата сезона. Портланд е вториот тим што славеше над Лејкерси, пред своите навивачи во арената „Роуз гарден“ запиша победа од 116:106.
Николас Батум го предводеше победничкиот тим со 26 поени и шест скока, Ламаркус Олдриџ постигна 19 поени, а додека Џеј Џеј Хиксон застана на 13 поени и десет скока.
„Мораме да научиме да играме заедно“, вели Двајт Хауард, кој во поразот од Портланд постигна 33 поени, 14 скока и пет асистенции. „Прво мора да станеш добар пред да бидеш сјаен. Ние не очекувавме дека ќе биде доволно само да дојдеме сите заедно и да бидеме некој. Секогаш е потребен временски процес. Мора да се држиме до ова и на крајот на сезоната да го освоиме трофејот“, додаде центарот на Лејкерси, потсетувајќи дека најважно е како ќе изгледа крајот на сезоната, а не почетокот.
Коби Брајант постигна 30 поени, додека Пау Гасол го заврши мечот со 16 поени и девет скока, сето ова повторно се покажа како недоволно за „езерџиите“ да стават крај на лошиот период.
Резултати: Филаделфија - Денвер 84:75, Чикаго - Сакраменто 93:87, Јута Џез - Далас 113:94, Феникс - Голден Стејт 85:87, Лос Анџелес Клиперс - Мемфис 101:92, Портланд - Лос Анџелес Лејкерс 116:106, Детроит - Хјустон 95:106, Њу Орлеанс - Сан Антонио 95:99, Торонто - Индијана 88:90.
|