01.11.2012, 13:25 Погба го спаси Јуве, пресврт на Интер
Францускиот интернационалец со гол во втората минута од судиското надополнување и донесе триумф на „Старата дама“ над Болоња со 2:1
Лидерот на табелата во „Серија А“, екипата на Јувентус синоќа со голот на Пол Погба во судиското надополнување ја совлада екипата на Болоња со 2:1 и освои нови три бода со што се одлепи на врвот на табелата пред Интер и Наполи. Претходно Јуве поведе со погодокот на Кваљарела, а израмни Таидер.
Токму Наполи за кој цел натпревар одигра Горан Пандев беше поразен на гостувањето во Бергамо кај Аталанта, додека Интер со победата над Сампдорија (3:2) се искачи на второто место на табелата. Гостите поведоа преку Мунари во 20-тата минута по една грешка на одбраната на Интер и водството го задржаа до 52. минута. Тогаш Милито реализираше од 11 метри, а екипата на Интер конечно влезе во ритам. Во 68. минута Касано тргна во контра за Интер и асистираше до Паласио кој погоди од десетина метри за водство на Интер, Гуарин зголеми на 3-1 во 82-та минута. Во самиот финиш гостите намалија на 3-2 преку Мартинс.
Постигнати резултати на синоќешните дуели од 10.коло во Италијанското фудбалско првенство: Јувентус - Болоња 2:1, Аталанта - Наполи 1:0, Парма - Рома 3:2, Интер - Сампдорија 3:2, Лацио - Торино 1:1, Киево - Пескара 2:0, Каљари - Сиена 4:2 и Удинезе - Катанија 2:2.
Во вторникот Палермо и Милан одиграа без победник 2:2. Колото ќе го заокружат вечерва Џенова и Фиорентина.
Табела: Јувентус 28 бодови, Интер 24, Наполи 22, Лацио 19, Фиорентина 15 (натпревар помалку), Парма 15 итн.
|