01.11.2012, 10:07 Лазаров: Не очекував вака лесно да победиме
И селекторот Ѕвонко Шундовски изрази задоволство од резултатот и од тоа што со победа е започнат новиот квалификациски циклус
Не очекував вака лесна победа. Имав малку страв и од состојбата во која се наоѓаме и имав респект кон Швајцарија. Гледавме нивни натпревари (со Русија и со Белорусија), тие се сериозен тим, но сепак постигнавме лесна победа. Но, треба да играме до крај и да не се опуштаме, рече на прес - конфренцијата по синоќешниот натпревар против Швајцарија, капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров.
И селекторот Ѕвонко Шундовски изрази задоволство од резултатот и од тоа што со победа е започнат новиот квалификациски циклус.
- Важна победа за текот на квалификациите. Одигравме добро. Но мислам дека не смееше да има опуштање на крајот од натпреварот, вакво нешто не треба да има на другите натпревари истакна селекторот Ѕвонко Шундовски.
Своја вечер имаше голманот Никола Митревски, кој на најдобар можен начин ја искористи добиената прилика и дуелот го заврши со 16 одбрани.
- Со вечерашниот настап Митревски избори место за следниот дуел со Португалија. Тој е квалитетен голман и долго време е во репрезентацијата, се осврна Шундовски на настапот на македонскиот голман.
На следниот натпревар ќе може да брани и голманот Борко Ристовски, кој ја издржа казната од еден натпревар забрана на настап.
Селекторот на Швајцарија, Горан Перковац за дуелот и поразот од Македонија истакна:
- Македонија одигра колку што требаше. Ние слабо го одигравме овој натпревар. На крајот можем да кажам дека конечниот резултат и поразот од шест голови за нас е и добар резултат.
Македонската ракометна репрезентација синоќа со победа од 30:24 против Швајцарија ги почна квалификациите за Европското првенство 2014 година во Данска. |