04.11.2012, 15:35 Во Градски парк ќе се гради катна гаража
Објектот ќе биде висок 29 метри и ќе биде со капацитет за 250 возила
Катна гаража со висина од 29 метри и со капацитет за 250 возила ќе се гради во Градски парк. Објектот ќе биде лоциран меѓу спортската сала „Работнички“ и Луна-паркот. Како што рече на денешната прес- конференција министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во тек е јавен повик за продажба на земјиштето. Како и со сите катни гаражи кои во моментот се градат низ Скопје, 15 проценти од вкупната површина на објектот ќе биде комерцијален простор.
„Почетната цена е 1.850 денари по квадратен метар, бидејќи има и компатиб��лна намена. Делот за катна гаража чини едно евро. Објектот ќе ги реши проблемите со паркирањето во Градскиот парк, но ќе биде и за потребите на новиот Луна-парк“, рече Јанакиески.
Тој потенцираше дека Министерството во изминатиот период интензивно работело на расчистување локации за изградба на катни гаражи. До сега биле расчистени 18 парцели на кои ќе се обезбедат околу 4.000 паркинг-места. Три од нив се надвор од Скопје, додека преостанатите 15 локации се во градот. Моментално во изградба се осум катни гаражи, додека за преостанатите седум, како што рече министерот, се води постапка на јавно наддавање за земјиштето.
„Со овие катни гаражи во иднина во градот ќе биде обезбеден нов паркинг- простор за околу 5.000 возила. Тоа беше наша идеја како Влада, а се вклучија и Град Скопје, Општина Центар и Јавното претпријатие за станбен и деловен простор. Очекувам дека ќе има интерес за оваа локација, бидејќи дел од објектот е за комерцијален простор. Изградбата на оваа катна гаража, пред се', ќе придонесе за решавање на проблемот со паркирањето во делот на Градскиот парк“, рече Јанакиески. (С.Р.) |