05.11.2012, 12:24 Руско оружје за Сирија согласно советски договори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва и доставува оружје на Сирија согласно договори од советско време и инсистира на тоа дека испораките се за одбранбени цели, а не за да го поддржат претседателот Башар ал Асад.
- Што се однесува до руско-сириската воено-техничка соработка, таа секогаш била насочена кон зацврстување на одбранбените способности на Сирија пред можната надворешна закана, а не кон поддршката на Башар ал Асад или кој и да било друг, изјави Лавров.
Тој во интервју за египетскиот весник „Ал Ахрам“ кажа дека оружјето, што Русија и го испраќа на Сирија согласно договори од советско време, не се прекршува меѓународното право.
Според него, главниот дел од оружјето било доставено уште за времето на Советскиот сојуз, а во моментов испораките се поврзани главно со исполнувањето на преземените обврски за снабдување со средства за противвоздушна одбрана.
Лавров изјави дека Русија не поддржува ниту една фракција во сирискиот конфликт и ги обвини странските сили дека ја вооружуваат опозицијата, која се обидува да ја собори владата, и на тој начин го прекршуваат меѓународното право. |