06.11.2012, 15:00 Награди за Федерер, Ѓоковиќ и браќата Брајан
Ноле втора година по ред е тенисер број еден на крајот од годината, а Федерер и понатаму владее со наградите кои ги одредуваат неговите фанови и неговите конкуренти
Традиционалните награди што Асоцијацијата на тенисери (АТП) ги доделува на крајот на секоја година и овој пат беа потпишани со веќе видени имиња. Најтрофејни се Рожер Федерер, Новак Ѓоковиќ и браќата Брајан, со по две награди. Ноле втора година по ред е тенисер број еден на крајот од годината. Последен пат такво нешто му успеа на Федерер и тоа четири години по ред (2004-2007). Србинот исто така е прогласен за „Хуманитарец на годината“ поради активноста на фондацијата „Новак Ѓоковиќ“. Рожер Федерер, пак, и понатаму владее со наградите кои ги одредуваат неговите фанови и неговите конкуренти. Рекордна десетта година по ред Швајцарецот е „Миленик на навивачите“, а осмипат го освои признанието „Штефан Едберг“ за најкоректен играч, за кое гласаа тенисерите. Близнаците Боб и Мајк Брајан официјално се прогласени за лидери во двојки на АТП листата на крајот на годината, а ја добија и наградата од фановите.
Уште во три категории АТП прогласија нови лауреати. Томи Хас ја доби наградата за „Кам-бек на годината“, Мартин Клизан е најголемото откритие во 2012, а Австралиецот Маринко Матошевиќ е тенисер со најголем напредок.
|