05.11.2012, 23:05 Сензационална победа на МЗТ во Љубљана
„Металците“ приредија уште едно изненадување во АБА лигата, совладувајќи ја Унион Олимпија на нејзин терен со 64:60
Кошаркарите на МЗТ Скопје приредија уште едно изненадување во АБА лигата. По четири порази едноподруго македонскиот шампион во 7-то коло триумфираше 64:60 на гостувањето кај Унион Олимпија во Љубљана. Ова беше прва победа на словенечниот стручњак Алеш Пипан на клупата на „металците“.
Со една дисциплинирана игра, металците успешно го контролираа текот на натпреварот, а во првото полувреме резултатски се оддалечија и умешно ја чуваа предноста во однос на противникот во текот на целиот натпревар. Унион Олимпија успеа да дојде до израмнување во самиот финиш на натпреварот, но Дејвис со пет поени по ред повторно ги доведе во водство МЗТ Скопје, а Препелчиќ промаши тројка во клучниот напад за израмнување на резултатот. Во следната акција Николовски беше сигурен во слободните фрлања за победа на МЗТ на гостувањето во Љубљана.
Најефикасен кај металците беше Тодор Гечевски со 15 поени, Дејвис уфрли 11, а одлична партија прикажа и Чековски кој уфрли 9 поени и додаде осум скокови и пет украдени топки. Следен натпревар на МЗТ е во недела против хрватска Цедевита.
|