05.11.2012, 12:11 Прва победа за Лејкерси во новата НБА сезона
„Езерџиите“ го совладаа Детроит со 108:79 за прво славје во вкупно четвртиот меч во годинашното првенство
Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс во четвртиот натпревар ја постигнаа првата победа во новата сезона од НБА лигата. „Езерџиите“ го совладаа Детроит со 108:79.
Противникот беше „скршен“ веќе во првиот период, кои домашните го добија со 34:13. Четири играчи од стартната петорка на победничката екипа постигнаа двоцифрен број поени, а најефикасен беше Двајт Хауард со 28 поени. Заслужни за триумфот беа и Коби Брајант (15 п, 7 ск., 8 ас.), По Гасол (14 п.), Ворлд Пис (18 п.) и Хил (11 п.).
Вицепрвакот во НБА лигата, екипата на Оклахома Тандер, во третиот меч, во новата сезона, го запиша вториот пораз. Атланта како гостин ја совлада Оклахома со 104:95, Ал Хорфорд во победата имаше двоен ефект 23 поени и 12 скокови. Кевин Мартин, кој во трејдот во кој беше вклучен Џејмс Харден, влегувајќи од клупата за Оклахома постигна 28 поени.
На другите натпревари одиграни ноќеска беа постигнати следниве резултати: Њујорк – Филаделфија 100:84, Торонто – Минесота 105:86, Орландо – Феникс 115:94.
Вечерва играат: Филаделфија – Њујорк, Бруклин – Минесота, Мајами – Феникс, Мемфис – Јута, Далас – Портланд, Сан Антонио – Индијана, Сакраменто – Голден Стејт и ЛА Клиперс – Кливленд. зс/8:38
|