06.11.2012, 12:05 Мари направи пресврт, Ѓоковиќ без проблем
Олимпискиот првак го сврте мечот со Бердих, Србинот подобар од Цонга на отворањето на АТП-финалето во Лондон
Енди Мари триумфално го почна настапот на АТП-финалето во Лондон. Британецот го совлада Томаш Бердих во три сета и со пресврт (3-6, 6-3, 6-4), за да ја израдува публиката во арената „О2“ во првото враќање во татковината откако стана олимписки шампион. Мари имаше три брејк можности во петтиот гем од воведниот сет, но не ги искористи и тоа му всади очигледен немир. Поради психолошката нестабилност, ја загуби веќе следната игра, а со тоа и сетот.
„Во некои моменти од првиот сет тој едноставно беше помоќен од мене“, призна Мари. Сепак, она што е поразлично за него оваа година дојде до израз во вториот сет. Направи брејк за 3-1, и го сочува до крајот за да го заокружи сетот со 6-3. Сепак, пред тоа да се случи Бердих пропушти три шанси да го „скрши“ сервисот на противникот.
„Мислам дека клучниот момент се случи во вториот сет. Ако поведев со 2-1, со ран брејк по освоен прв сет...ќе имав убаво шанси. Но, тоа не се случи“, разочарано се сеќаваше Чехот. Во решавачкиот период Бердих рано „пукна“, а Британецот имаше извонреден прв сервис со 100 процентна реализација на поени до пред финишот (85 отсто на крај).
„И двајцата сервиравме одлично и тешко губевме поени на прв сервис. Тој малку попушти во вториот сет, но третиот повторно беше тежок“, изјави Мари по победата која ќе биде од огромно значење во борбата за полуфиналето.
Во истата група, Новак Ѓоковиќ го совлада Жо-Вилфрид Цонга. Тешко го скрши отпорот во првиот сет затоа што мораше да игра тајбрејк, а потоа рутински дојде до 6-3.
„Задоволство ми е што повторно играм во Лондон, овде секогаш уживам во атмосферата. Крај на година е и јас и Цонга ја сакавме победата. Да бидам искрен, тој беше подобар од мене во првиот сет, но останав ментално силен и успеав до крајот“, даде своја оценка Србинот. Со првото коло во оваа конкуренција, само се потврди дека Мареј и Ѓоковиќ ќе ја водат битката за првите две позиции кои носат полуфинале.
Федерер носталгичен по Надал
Најдобрите на светот се собраа во Лондон за финална пресметка во оваа година, но го нема Рафаел Надал. Поради повреда тој го откажа учеството во Лондон, а единствено Рожер Федерер се сети да го спомене, додека битката уште не се разгорела. "Кога ќе почне еден турнир заборавате на она што се случува околу вас. Не можам да негирам дека поради него ждрепката е полесна, затоа што Рафа е голем шампион. Сигурен сум дека им недостасува на многу навивачи. Тој би го направил овој турнир повозбудлив, но вака добиваат шанса уште еден двајца", проговори Федерер. „Никогаш не е исто кога Рафа не е на некој турнир, но тоа е...повредите се случуваат од време на време. Му посакувам се' најдобро за да може да се врати следната година“, заврши Швајцарецот кој имаше дел од најславните моменти во кариерата кога Рафаел Надал бил од другата страна на мрежата.
|