07.11.2012, 16:19 Пресечен канал за шверцување мигранти од Азија и Африка
Полициската единица за трговија со луѓе и криумчарење мигранти, по едномесечна истрага, пресече канал за шверцување мигранти. Станува збор за 14 македонски државјани кои шверцувале мигранти со потекло од Блискиот и Далечниот Исток, но и од земјите на Африка.
Како што потврдуваат од МВР, мигрантите во државава влегувале од Грција, а потоа биле превезувани до селата во Липковскиот регион, од каде што, преку Србија и Унгарија требало да завршат во некоја од западноевропските земји.
Приведените кумановци, инаку на возраст меѓу 24 и 55 години, шверцувале мигранти од Авганистан, Пакистан и о�� арапските земји. Тие биле прифаќани кај гевгелиското село Богородица, а оттаму со возила, преку Струмица, Штип и Свети Николе, биле транспортирани до селата во Липковско. Истрагата покажала дека групата успеала да прошверцува 60 мигранти, но при обид за реализацијата на последниот транспорт, петмина од сега пријавените биле фатени на дело. Во возилата на шверцерите биле откриени 16 лица од кои десетмина од Авганистан, четворица од Пакистан и двајца од Сомалија. Возачите на возилата со кои се превезувале мигрантите наплатувале меѓу 140 и 160 евра по возило, а возачите на возилата-претходници земале по 100 евра.
Подоцна, по извршен претрес во неколку објекти во селото Ваксинце биле пронајдени четворица мигранти. Од сега пријавените полицијата одзела седум возила, тревкаста материја за која се претпоставува дека е марихуана, мобилни телефони и СИМ-картички. (Љ.С.)
|