07.11.2012, 16:25 Стипе Месиќ почесен граѓанин на Тетово
Поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ, од денеска е почесен граѓанин на Тетово. Признанието му беше врачено на пригодна свеченост во големата сала на Центарот за култура „Иљо Антевски-Смок“. Доделувајќи му ја повелбата „Почесен граѓанин на Тетово“, градоначалникот Сади Беџети нагласи дека признанието му се доделува на еден од најумерените и најмудрите политичари на балканските простори. „Стипе Месиќ беше визионер, државник кој со умерена храброст и моќ успеа да ги прошири најдобрите вредности, а преку хуманата политика на најоригинален начин се спротивстави на агресивната политика“, рече Беџети според кој Месиќ е личност со извонредна политичка умешност, постојано верувајќи во праведност и демократија како простори за афирмација на народите.
„Ова за мене е големо признание и поттик поблиску да ги запознаам луѓето и градот. Сега не сум на функција, но ова е доказ дека она што сум го работел било во корист на луѓето“, рече Стипе Месиќ, кој очекува Македонија да гради толерантен однос кон сите граѓани и да искаже подготвеност за влез во Европа. (Г.Е.)
|