08.11.2012, 12:24 Новата вакцина против ХИВ ја мина првата фаза
Првата и единствената превентивна ХИВ вакцина, базирана на генетски модифициран вирус, мина низ првата фаза на клиничко тестирање во САД. Резултатите детално се анализираат и се подготвува втората фаза на тестирањето.
Вакцината САВ001Х ја развија др. Чил-Јонг Канг и неговиот тим од Универзитетот Вестерн во Канада.
Првото клиничко тестирање на вакцината почна во март оваа година. Тестирана е безбедноста на користењето и нивото на толеранција на пациентите. Заболените мажи и жени, на возраст од 18 до 50 години, беа поделени во две групи. Едната ја добила вакцината, а другата добила плацебо, односно лажна в��кцина.
Ниту еден од пациентите не доживеал какви било несакани последици, ниту манифестирал симптоми поврзани со токсичноста на вакцината. Со овие резултати САВ001Х се покажала како сигурна вакцина за употреба кај луѓето.
Во следната фаза на тестирањето на вакцината ќе бидат испитани имунолошките реакции на организмот и нејзината ефикасност. Освен тоа моментално се анализира и создавањето на антитела против вирусот ХИВ кај пациентите, кои веќе ја примиле вакцината.
- Докажавме дека вакцината е безбедна за користење кај луѓето и се подготвуваме за втората и третата фаза од тестирањето. Сега сме еден чекор поблиску до првата комерцијална вакцина против ХИВ, изјави др. Донг Јун Ким во име на компанијата „Сумаген“, која финансираше еден дел од истражувањето. |