05.11.2012, 14:57 Давид Ферер го освои Париз
За да дојде до престижниот трофеј, петтиот тенисер на светот го совлада Полјакот Јежи Јанович со 6-4, 6-3
Давид Ферер, конечно, се вброи меѓу големите тениски победници со триумфот во финалето во Париз, каде што го освои првиот мастерс во кариерата. За да дојде до престижниот трофеј, петтиот тенисер на светот го совлада Полјакот Јежи Јанович со 6-4, 6-3.
„Ова е остварување на еден сон. Бев нервозен затоа што ова беше мојата шанса да освојам мастерс, но некако знаев дека е мој ред. Победив затоа што имам одличен тим зад мене“, се заблагодари на своите соработници скромниот Ферер при врачувањето на пехарот. Тој успеа да го скрши противникот дури во 10. гем од првиот сет, а потоа најде начин и да се врати по загубен сервис на стартот од вториот период. Пресуди искуството и квалитетот. Брилијантната недела на 21-годишниот Јанович, сепак, не заврши со најсреќното сценарио, но ова за него е турнир од соништата, имајќи предвид дека совлада пет тенисери од топ-20, меѓу кои и олимпискиот првак и освојувач на Ју-Ес опен, Енди Мари.
„Ова беше неверојатна недела. Никогаш не можев да очекувам вакво нешто - да играм финале на еден мастерс и тоа против Давид Ферер, еден од најдобрите тенисери на светот. Му честитам и се надевам дека ќе се сретнеме повторно за да му се реванширам“, изјави емотивниот „џин“ од Полска, висок 203 сантиметри. Тој ги освои симпатиите на сите тениски љубители, а во иднина светот од него очекува да освојува титули. Од 69. позиција на АТП- листата ќе скокне меѓу топ-30 и ќе биде носител на Австралијан опен.
На ветувањата за реванш, Ферер се пошегува и рече: „Јас имам 30 години, ќе бидам с` послаб и сигурно ќе ме победиш“. Сепак, сегашноста е вредна за човекот кој стана првиот Шпанец што победил на мастерсот во француската престолнина.
|