05.11.2012, 16:19 МЗТ по чудо во Љубљана
Вечерва во 20,30 часот „металците“ без многу надеж за победа ќе ги одмерат силите со „змајчеки“
Македонскиот шампион го очекува уште една тешка задача, во рамките на седмото коло од АБА-лигата. Вечерва во Љубљана, МЗТ Скопје ќе се обиде да го собори далеку посилниот тим на Унион Олимпија и воедно да стави крај на лошата серија од четири порази по ред.
Во последните десетина дена ништо не беше во корист на „металците“ од промената на тренерското место, во таборот на тимот се случи и оставката на извршниот директор, Сашо Босилков, а за време на дуелот против Црвена звезда еден од играчите бе��е исвиркуван од домашната публика.
Со ваков товар, Алеш Пипан и неговите избраници пристигнаа во главниот град на Словенија. Иако во моментов „змајчеките“ се во долниот дел од табелата, сепак тренерот Сашо Филиповски верува дека МЗТ Скопје е одлична шанса за враќање на победничкиот ритам по двата порази во серија во АБА- лигата, како и последниот во Евролигата.
„По исклучително тешките средби, продолжуваме со мечот против македонската екипа, која ова лето доби право на настап во оваа лига. МЗТ има добра екипа која покажа неколку одлични игри, но и одреден пад. Верувам дека тренерот Пипан ќе успее да ја дигне формата на тимот на уште повисоко ниво. Со враќањето на Салина нашиот тим ќе игра уште подобро, се разбира дека очекуваме победа“, е изјавата на Словенецот со македонско потекло, Сашо Филиповски.
За да МЗТ Скопје ги дочека подобрите денови во Јадранската лига ќе треба да направи промени во играчкиот состав, а тие како што најавија од клубот треба да се случат по мечот против Унион Олимпија.
Во останатите средби Раднички го порази тимот на Крка со 84:71, Широки беше подобар од Задар со 80:71. По гостувањето во Скопје екипата на Црвена звезда забележа уште еден триумф, на домашен терен го совлада Шолнок со убедливи 103:74, а Цибона полека се искачува на горниот дел од табелата, во седмото коло на гостински терен славеше над Будуќност со 64:60.
Вчера вечерта се одигра дуелот меѓу Сплит - Партизан, а со денешните средби меѓу Олимпија - МЗТ Скопје и Цедевита - Игокеа ќе се комплетира седмото коло. (М.К.)
|