05.11.2012, 09:55 Николиќ имал инцидент на автопатот Белград-Ниш
Кабинетот на српскиот претседател Томислав Николиќ синоќа потврди дека во петокот на автопат се случил инцидент, соопштувајќи дека шефот на државата изразил уверување дека сите аспекти од ова случување ќе бидат истражени.
- Претседателот Николиќ ја изрази својата целосна доверба во припадниците на Министерството за внатрешни работи, кои се грижат за неговата безбедност, се додава во соопштението, без да се наведат какви било детали за настанот.
Српските медиуми објавија дека висок офицер од српското МВР со службен автомобил неколку пати и го попречил патот на колоната возила кои го придружувале Николиќ. Инцидентот се случил на автопатот Белград-Ниш, а српскиот претседател патувал кон Крагуевац.
Инцидентот се случува во момент на заострување на аферата во врска со прислушувањето. Српскиот потпретседател на Владата Александар Вучиќ изјави дека „на некого му е важен увидот во неговото и движењето на шефот на државата“, а не листата на телефонски повици. |