05.11.2012, 15:20 СДСМ обвинува за изборни манипулации со доселени гласачи
„Ова е огромен скандал. Иста ваква режимска матрица на штанцање нови доселени гласачи можевме да видиме во Србија за времето на Милошевиќ“, грмна денеска опозицискиот СДСМ, барајќи јавниот обвинител да преземе мерки за спречување на, како што велат, оваа најнова манипулација.
Социјалдемократите обвинуваат дека власта работи на промена на структурата на гласачи со масовно одобрување живеалишта на соодветни адреси и издавање нови лични карти, а тоа го поктрепија со документи и фотографии, кои според нив, ја докажуваат ваквата пракса во Ресен.
„Ова се документи и фотографии к��и покажуваат како поголеми групи лица на еден ист нотар заверуваат договори за наем на стан. Овие договори се однесуваат на повеќе лица, на кои становите им се издаваат бесплатно, без надомест. Замислете, договор за бесплатно издавање а стан! И тоа на седум лица, а не на едно. Заверените договори, понатаму, организирано се носат во подрачната служба на Министерството за правда каде се поднесуваат барања за издавање нови лични карти, со што ќе се создадат предусловите новите гласачи да бидат впишани во Избирачкиот список“, вели секретарот на СДСМ, Андреј Петров.
За ВМРО-ДПМНЕ ваквите тврдења преставуваат очаен обид на СДСМ за пронаоѓање алиби за, како што наведуваат, очигледниот пораз на престојните локални избори.
„Жално е што СДСМ не умее со работа и проекти да го сврти вниманието на јавноста, па мора да се служи со измислици и конструкции кои човек не може ни да ги замисли, а не пак да ги реализира. За ВМРО-ДПМНЕ се прифатливи сите забелешки на ОБСЕ и ОДИХР кои се однесуваат на изборниот процес, во кој што не се дел и неразумните барања на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. (Н.К.)
|