05.11.2012, 12:01 Кампања на ОХО за намалување на отпадот
Намалување на отпадот и долгорочна промена во однесувањето кај учениците и пошироката јавност, е целта на кампањата „Помалку отпад“ што ја реализира Здружението за комуникација едукација и консалтинг ОХО.
Учениците од средните училишта, како дел од програмата „Млади репортери за животната средина“ кои ќе учествуваат во кампањата, според соопштението на ОХО, ќе истражуваат локални проблеми поврзани со отпад, влијанието на отпадот врз локалниот животински и растителен свет или човечкото здравје, производите или амбалажите кои луѓето најчесто ги фрлаат и слично. Откако ќе се истражи проблемот ќе изработат статии, фотографии или видеа со вклучени предлог решенија за намалување на отпадот.
Кампањата „Помалку отпад“ почна на 1 овој месец и во неа се вклучени 10 различни држави, меѓу кои е Македонија, и е дел од активностите на Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“. |