05.11.2012, 09:41 Самарас гo предупреди Парламентот да ги изгласа мерките за штедење
Трипартиската Влада денеска ќе го достави пакетот мерки и буџетот до Парламентот кој в среда треба да гласа и да ги одобри
Разговорите за излегување на Грција од еврозоната ќе завршат по критичните гласања во Парламентот оваа недела за новите мерки за штедење, трудовите реформи и буџетот за 2013 година, изјави грчкиот премиер Андонис Самарас.
Трипартиската Влада денеска ќе го достави пакетот мерки и буџетот до Парламентот кој в среда треба да гласа и да ги одобри, со цел земјата да добие финансиска помош од ЕУ и ММФ за да избегне ба��крот.
Помалиот коалициски партнер Демократската левица одби да ги поддржи зголемувањата на даноците и намалувањата на трошоците во вредност од 13,5 милијарди евра, затоа што тие се поврзани со мерки кои ќе ги намалат платите и ќе го прекинат нивното автоматско зголемување.
Но, се очекува партијата на Самарас, Нова демократија, и најголем дел од пратениците на коалицискиот партнер ПАСОК да гласаат за мерките и со тесно мнозинство, сепак, да ги усвојат.
Пратениците потоа на 11 ноември треба да го усвојат буџетот за 2013 година што ќе доведе до добивање на следната транша од заемот во висина од 31,5 милијарди евра и ќе ги замолкне разговорите за излез на Грција од еврозоната, рече Самарас.
- Што побрзо се усвојат новите мерки по што ќе ја добиеме следната критична транша од помошта, ликвидноста повторно ќе почне да ги храни бизнисите и домаќинствата, несигурноста ќе заврши, чувството ќе се промени и стравот од враќање на драхмата ќе исчезне, изјави Самарас на партиски состанок со пратениците од Нова демократија.
Тој додаде дека пакетот ги опфаќа последните намалувања на платите и пензиите, што е болна точка кај Грците кои се уморни од петгодишната рецесија што го опустоши животниот стандард на средната класа.
- Во последните две години, преку намалување на платите, пензиите, владините трошоци, рецесијата и невработеноста, ние загубивме 35 проценти од нашиот животен стандард како земја. Ако излезевме од еврото, ќе загубевме двојно повеќе, нагласи грчкиот премиер. |