04.11.2012, 16:05 Пропаѓа ли Скијачкиот центар на Кожуф?
Во Ски-центарот струјата одамна е прекината, а така ќе остане се' додека Центарот не го плати долгот од милион денари кон ЕВН
Ангел Данов
Кожуф - Наближува новата скијачка сезона, а Скијачкиот центар „Кожуф“ и натаму тоне во мрак. Струјата поради дефект е прекината одамна, а бидејќи нема никакви најави дека нешто ќе биде преземено, сопствениците на викендичките и на угостителските објекти стравуваат дека ќе изгубат уште една сезона. Се жалат дека повеќе месеци се принудени да работат на агрегати, но, како што велат, на тој начин не можат да чекаат гости, ниту, пак, тоа е вистинскиот начин за развој на туризмот.
Објектите се снабдуваат со струја од трафостаницата на Ски-центарот, која е во приватна сопственост, но доводниот електричен кабел е подолго во прекин. Сопствениците се обратиле до ЕВН и побарале да добијат посебни броила и посебен приклучок за електрична енергија, но барањата им биле одбиени со образложение дека мрежата е во сопственост на компанијата „Ски Кожуф“.
„Само си ја префрлаат топката. Повторно чекаат Кожуф да биде завеан во снег, па да биде невозможно да се санира дефектот и да речат дека немаат механизација за таа работа“, коментираат револтираните сопственици.
Но, од „ЕВН Македонија“ велат дека дефектот е одамна решен, но проблемот со струјата не е поради тоа, туку поради долгот што го има Ски-центарот „Кожуф“ и се' додека не биде намирен, нема да има напојување.
„Дефектот од големото невреме е саниран, исто како и патот на кој имаше лизгање на земјиштето и поставен е кабел до трафостаниците од кои со електрична енергија се напојува Ски-центарот ’Кожуф‘. Санирањето на овој голем дефект се изведуваше заедно со градежната компанија ’Гранит’, која мораше да го санира и патот за да имаат пристап екипите на ЕВН. Иако напојувањето можеше да биде пуштено веќе во наредните денови, сепак, трафостаницата нема да може да ги снабдува корисниците, бидејќи сопственикот има долг кон ’ЕВН Македонија‘ од над милиони денари и додека не расчисти со долгот, нема да биде пуштен напон. Законските одредби важат за сите, па и за овој објект. Што се однесува сопствениците на викенд-куќите кои се дел од комплексот и кои побарале приклучок, тие нема да можат да бидат приклучени поради немање технички услови, бидејќи постојната мрежа не е во сопственост на ЕВН. Постојано сме во контакт и разговори и со сопственикот на Ски-центарот и со сопствениците на викенд-куќите за да се изнајде реално решение“, одговорија од ЕВН.
Општина Кавадарци го ослободи Скијачкиот центар од плаќање комуналии, но компанијата многу малку има инвестирано во инфраструктура во Центарот.
„Локалната самоуправа е разочарана од состојбите на Скијачкиот центар ’Кожуф‘. И покрај многуте бенефиции, нема никаков повратен ефект“, вели градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.
Иако во изминатиот период се најавуваа нови инвестиции, жичарници, ски-лифтови и хотели, од тоа нема ништо. Дали Центарот се соочува со внатрешни проблеми, или нешто друго е во прашање, не успеавме да дознаеме, бидејќи извршниот директор на „Ски Кожуф“, Ангел Наков, беше недостапен.
Додека траат проблемите со струјата, во меѓувреме интензивно се расчистуваат наносите и се реконструира оштетениот дел од патот од месноста Смрдлива Вода до Центарот, кој е во должина од 15 километри. На трасата е механизацијата на „Гранит“, која работи на чистење на одроните, се ставаат нови потпорни ѕидови. Патот ќе биде комплетно во функција и безбеден за сообраќај пред скијачката сезона, но дали воопшто некој ќе го користи, зависи од тоа дали Центарот ќе исплива од темнината.
|