14.11.2012, 13:20 (ФОТО) „Помеѓу рајот и пеколот“ награден во Швајцарија
Ибрахим Деари, студент на ЕСРА, ја доби наградата на публиката на Фестивалот во Базел, Швајцарија
Филмот „Помеѓу рајот и пеколот“ на Ибрахим Деари, студент по филмска и телевизиска режија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, ја освои наградата на публиката на Фестивалот за кратки филмови во Базел, Швајцарија.
Станува збор за Фестивал на краткометражни филмови, кој има интернационален карактер (www.swikos.com) и кој оваа година се одржа шести пат. На него, покрај Македонија, учествуваа и филмови од Швајцарија, Германија, Косово.
Филмот „Помеѓу рајот и пеколот“ е 13-минутен филм, чија тема е универзална и зборува за еден воен ветеран кој живее сам, затворен во својата соба. Тој е неспособен да се движи поради раните здобиени во војната, го загубил своето семејство и нема никој близок... Овој филм, иако снимен без институционална поддршка, досега учествуваше на четири фестивали и секаде беше добро примен.
Во неговата реализација, покрај Ибрахим Деари, кој е режисер, сценарист и камерман во филмот, учествуваа и: Ерман Мемеди како монтажер, Зоран Крелјевски кој ја потпишува музиката и Арбен Фејзулаху како продуцент. Улогите ги толкуваа: Муса Исуфи, Осман Ахмети, Мирсад Абази и Ардиан Кадриу. (С.У.)
|