13.11.2012, 09:44 Еврогрупата го продолжи рокот за фискално прилагодување на Грција
Министрите за финансии од еврозоната се согласија да го продолжат за две години периодот за фискалното прилагодување на Грција, но крајната одлука за доделување на следната транша од финансиската помош ќе ја донесат на посебен состанок што ќе се одржи на 20 ноември.
На следниот состанок ќе се разговара и за методите со кои долгот на земјата ќе се направи одржлив.
Шефот на еврогрупата Жан-Клод Јункер и еврокомесарот за монетарни и економски прашања, Оли Рен ги пофалија грчките власти за усвојувањето на последниот пакет фискални и структурни реформи, но извршн��от директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард нагласи дека некои „поглавја“ допрва останува да бидат решени.
- Еврогрупата ги поздравува напорите на грчките власти да ја вратат програмата на вистинскиот пат. Еврогрупата ги признава значителните напори на грчките граѓани, рече Јункер по состанокот кој траеше шест часа.
Тој информира дека на состанокот се дискутирало за голем број идеи за тоа како да се покрие финансиската дупка во Грција во следните неколку години и како да се направи долгот одржлив, но не е избрана ниту една опција. Јункер рече дека тие одлуки ќе бидат донесени наредната недела.
Лагард изјави дека ММФ има „различни ставови“ за распоредот додавајќи дека, сепак, се` уште се преговара.
- Се испитуваат сите патишта кои ни се на располагање за да се намали грчкиот долг, а ќе продолжат да се испитуваат и во наредните денови, рече таа. |