13.11.2012, 13:25 Вартоломеј и Стефан се поздравија по погребот на Максим
На кратката средба во Софија на која присуствувал и српскиот патријарх Иринеј изразиле желба за поскоро изнаоѓање решение за спорот меѓу СПЦ и МПЦ
Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј за време на кратката средба со г.г. Стефан во Софија, во присуство на српскиот патријарх г.г. Иринеј, изразил искрена желба за што поскоро изнаоѓање решение за проблемот, мислејќи на спорот меѓу СПЦ и МПЦ. Српскиот патријарх г.г. Иринеј ја споделил желбата на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.
Ова се наведува во денешното соопштение од Кабинетот на архиепископот г.г. Стефан, поради зачестените информации, како и некои дезинформации, објавени во медиумите во врска со посетата на поглаварот на Македонската православна црква на Софија, по повод погребот на поглаварот на Бугарската православна црква.
- Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, придружуван од митрополитот Преспанско – пелагониски г. Петар, на 9-ти овој месец присуствуваше на заупокоената литургија и опелото на блаженоупокоениот Бугарски патријарх г.г. Максим во катедралниот храм „Св. Александар Невски“ во Софија. Пред почетокот и за време на литургијата, архиепископот имаше кратки и срдечни средби со претставници од повеќето помесни православни цркви, се наведува во соопштението.
По завршувањето на опелото, како што е посочено, во олтарот на катедралниот храм, архиепископот г.г. Стефан се сретнал и се поздравил со неговата сесветост Вселенскиот патријхарх г.г. Вартоломеј, со српскиот патријарх г.г. Иринеј, со атинскиот архиепископ г.г. Јероним, со албанскиот архиепископ г.г. Анастасиј и др.
- При таа кратка средба, Вселенскиот патријарх, во присуство на српскиот патријарх, изрази искрена желба за што поскоро изнаоѓање решение за проблемот, мислејќи на спорот меѓу СПЦ и МПЦ. Српскиот патријарх г.г. Иринеј ја сподели желбата на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, се посочува во соопштението од Кабинетот на архиепископот.
|