13.11.2012, 12:24 Македонија ќе тестира, Словенија сака да поентира
„Змајчеки“ со најсилен состав на пријателскиот натпревар утре во Скопје
Македонската фудбалска репрезентација утре во арената „Филип Втори“ ја очекува уште еден исклучително тежок натпревар. Без разлика што станува збор за пријателска средба, селекцијата на Словенија во Скопје ќе допатува со високи амбиции. Предводникот на „змајчеки“, Славиша Стојановиќ, не случајно одлучи да одигра со најсилен состав против „црвено-жолтите“. Поради слабите резултати, репрезентацијата на оваа земја заедно со својот тренер е на удар на тамошната јавност и само победа над Македонија би можело да реши дел од лошата ситуација.
Голманот на Интер, Самир Хандановиќ, напаѓачот на ПСВ Ајндховен, Тим Матавж, и фудбалерот од средниот ред на Палермо, Јосип Илиќ, ќе бидат главните адути на Словенците, кои во Скопје се очекува да слетаат денеска во 15 часот, а единствениот тренинг пред утрешниот натпревар ќе го имаат три часа подоцна.
За разлика од нив, македонскиот селектор Чедомир Јаневски одлучи за овој меч да тестира нови имиња и да настапи без неколкумина стандардни фудбалери. Во составот ќе ги немаме Горан Пандев, Николче Новески, Горан Попов, Величе Шумуликоски, Стевица Ристиќ, Никола Глигоров, Стефан Ристовски и најново Иван Тричковски. Управата на неговиот клуб Бриж пред два дена испрати допис до Фудбалската федерација на Македонија во кој стои дека старите повреди се доволна причина да не го пуштат својот играч.
Новина во националниот состав се Дејан Блажевски од Хоризонт Здравје, Адис Јаховиќ од Цирих и Мите Цикарски од Вардар, кои на мечот против Словенија ќе имаат шанса да се наметнат кај Јаневски. И покрај видливо изменетиот состав, селекторот на Македонија по триумфот над Србија очекува продолжување на одличната игра.
„Словенија е квалитетна репрезентација која високо котира на ФИФА- листата и има фудбалери кои играат во силните лиги. И покрај ова очекувам Македонија да се претстави во најдобро издание, а повиканите фудбалери заедно со новите имиња да ја оправдаат довербата. Се надевам на добар и позитивен резултат“, најави на брифингот Чедомир Јаневски.
Пријателскиот меч меѓу Македонија и Словенија е закажан за утре со почеток во 18 часот. (М.К.)
|