05.11.2012, 17:29 Разгорена војната меѓу министерот и лекарите
Предупредувањето на министерот дека непочитувањето на платата по успешност е кривично дело за лекарите се само закани
Јасмина Јовановска-Вељановска
Министерот за здравство Никола Тодоров не отстапува од намерата да го спречи штрајкот на лекарите. Синдикалците сметаат дека министерот ја разгорува војната со лекарите и со закани се обидува да го стопира штрајкот најавен за 14 ноември. Ваквиот впечаток лекарите го имаат откако по листите на штрајкувачите, кои како што тврдеа од клиничкиот синдикат, ги барал министерот, Тодоров сега ��отсетува дека непочитувањето на платата по успешност е кривично дело. Од Министерството за здравство на лекарите им укажуваат дека невнесување податоци во електронскиот систем за плаќање по успешност (какви и колку прегледи и операции направиле) е незаконски и се казнува. Казниво е и ако се внесуваат лажни податоци за тоа колку сработиле.
За претседателот на Клиничкиот синдикат д-р Дејан Ставриќ, кривично дело е што министерот ја воведе плата по успешност без согласност на фелата.
„Никој од специјалистите не се согласува со овој модел на плаќање каде што лекари треба да се казнуваат за да се наградат нивните колеги“, ни изјави д-р Ставриќ. Тој од Тодоров бара да каже зошто толку многу инсистира да ги плаќа лекарите по новиот модел. Клиничките лекари не се откажуваат од штрајкот и според Ставриќ, тој ќе се одржи на 14 ноември. Посетувањата на законските правила за лекарите се само обид за стопирање на штрајкот.
Од кабинетот на министерот не ни објаснија која е причината зошто министерот Тодоров е толку упорен штрајкот да не се реализира. За министерот преговорите со синдикатот не се запрени. Тој вчера, по седницата на собраниската Комисија за здравство каде што се расправаше за камерите на шалтерите, изјави дека разговорите течат со гранковиот синдикат, но не и со клиничкиот синдикат, затоа што тој решил да штрајкува.
„Нека штрајкуваат на 14 ноември, на 15 пак ќе продложат со работа и со внесување на податоците за плата по успешност“, потенцира Тодоров, кој пак се закани дека ако штрајкот продолжи, нема да земат плата.
Лекарите бараат да се одложи платата по успешност бидејќи со неа не само што реално не се вреднува лекарскиот труд, туку негативно се одразува и на пациентите. Ова го покажа и анкетата на интернет-сервисот на лекарите „Хелтгрупер“ со која биле опфатени 210 лекари специјалисти. Околу 95 отсто од нив сметаат дека проектот „Плата по успешност“ не е фер и не е праведен.
За лекарите за успешноста не постои норма. „Норма е она што денес сме го изработиле и треба да се колеме меѓу себе за да си ја земеме платата или да му брцнеме во џепот на колегата“, оценува анкетираниот лекар. Со сличен коментар е и друг лекар, кој вели дека системот се сведува на проста анализа на бројки, кои не ја одразуваат комплексноста на работата. Дури 90 отсто од лекарите велат дека со платата по успешност се губи тимската работа.
„Се работи за бројка, а не за квалитет на успешност. Системот дава можности за манипулација и со тоа не го вреднува правилно трудот на лекарите. Пример, услуги кои не можат да се проверат дали се извршени, најразличен тип на советувања, упатства кои ако се изведуваат, траат подолго време и треба да се високо вреднувани, може да се наведат и без да се изведени“, објаснува лекар од анкетата.
Лекарите уште укажуваат дека со платата по успешност може да настрадаат и пациентите. Трка за пациенти, правење непотребни прегледи заради поголема успешност, индивидуален, а не тимски пристап кон пациентите особено оние пациенти со посложена патологија, оценуваат лекарите од кои околу 70 отсто мислат дека проектот непотребно го стимулира бројот на прегледи кои им се прават на пациентите. |