02.11.2012, 09:32 Амандманите за Законот за бранители пред Комисијата за труд
ДУИ вчера попладне достави уште десет илјади амандмани, но тие не беа примени бидејќи, како што информираат од Собранието, рокот за доставување бил поминат
Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска треба да почне да ги разгледува амандманите поднесени по Предлог на законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка. Амандмани за законот поднесе ДУИ-15.451 и пратеникот Изет Зеќири.
Уште десет илјади амандмани вчера попладне ��УИ достави до Собранието, но тие не беа примени бидејќи, како што информираат од Собранието, рокот за доставување на амандмани е поминат.
Пратеничката група на ДУИ била известена дека рокот за поднесување амандмани завршува на 1 ноември до 11 часот согласно поканата на матичното работно тело Комисијата за труд и социјална политика. Истовремено, Законодавно правната комисија вчера го усвои дневниот ред на 69. седница со единствена точка на дневниот ред Предлог на законот. ЗПК ја одложи расправата по овој закон и ќе биде продолжена откако по амандманите ќе се произнесе матичното работно тело.
- Имајќи го предвид член 151 став 2 од Деловникот во кој е утврдено дека на предлог на закон кој се предлага да биде донесен во скратена постапка, амандман може да се поднесе до почеток на седницата за второ читање на предлогот на законот, со усвојувањето на дневниот ред, односно со отпочнувањето на седницата на Законодавно правната комисија по оваа точка е изминат рокот за поднесување на амандамни од овластени предлагачи, се наведува во дописот што Собранието го упатило до пратеничката група на ДУИ.
Предлог законот за посебните права на бранителите повторно влезе во собраниска процедура откако пратениците во рамки на утврдувањето на дневниот ред на 45. седница гласаа тој да се разгледува по скратена постапка. Претходно ВМРО-ДПМНЕ, како поднесувач на законот, го повлече текстот од редовна постапка со цел да ја одблокира работата на Комисијата за труд и социјална политика. ДУИ ја блокира работата на Комисијата бидејќи смета дека законот е дискриминирачки и треба да ги опфати двете страни во конфликтот во 2001 година. |