03.11.2012, 11:05 И Обама и Ромни најавуваат победа во пресрет на изборите
На само три дена пред претседателските избори во САД двете страни и Демократската и Републиканската партија, тврдат дека ја имаат предноста и дека нивниот кандидат ќе биде иден претседател на САД.
Демократите ги поздравија резултатите на вчерашната анкета на Ен-Би-Си, Вол Стрит Журнал и Марист, која покажува убедлива предност на претседателот Барак Обама пред републиканскиот кандидат Мит Ромни во некои од клучните држави кои кандидатите мора да ги добијат доколку сакаат да бидат избрани.
Обама води во Охајо со 51 наспроти 45 проценти, а според оваа анкета претседателот води дури и во Флорида, со два проценти разлика, иако оваа држава според досегашните анкети се очекува да му припадне на Ромни. Анкета на Си-Ен-Ен, пак, покажа дека предноста на Обама во Охајо е три проценти, со 50 наспроти 47 проценти од гласовите.
Републиканците, кои со недели имаа поволни анкети кои покажуваа дека Ромни води на национално ниво додека разликата во Охајо е многу помала, укажуваат на други показатели кои се поволни за нивниот кандидат. Карл Роув, влијателниот советник на претседателот Џорџ Буш, укажува дека бројот на жители на Охајо кои досега гласале користејќи ја можноста за рано гласање, изнесува околу милион граѓани и е речиси еднакво поделен меѓу републиканците и демократите.
Демократите традиционално имаат подобри резултати во раното гласање, а републиканците на денот на изборите - во 2008 година Обама имал предност од над 250.000 гласови во раното гласање. Поради ова Роув оценува дека Ромни ќе го освои Охајо, кој е клучен за крајната изборна победа бидејќи носи 18 делегатски гласови во Изборниот колеџ, кој го избира претседателот.
Од друга страна, анкетата објавена вчера покажува дека Ромни има предност од четири проценти во Пенсилванија, држава која би му донела 20 делегати и би го неутрализирала евентуалниот пораз во Охајо. Пенсилванија беше убедливо на страна на Обама, но во изминатите недели штабот на Ромни е активен и закупува рекламен простор на тамошните медиуми.
|