02.11.2012, 12:06 Новиот Буџет нема да биде поголем од годинешниот
Буџетот е поставен на економски раст од околу 2 отсто, буџетски дефицит од 3,5 отсто од БДП, или околу 270 милиони евра, а инфлацијата се предвидува да достигне 3 отсто
Буџетот за 2013 година нема да биде поголем од годинешниот, објави министерот за финансии, Зоран Ставрески, на Македонската телевизија. Буџетот е поставен на економски раст од околу 2 отсто, буџетски дефицит од 3,5 отсто од БДП, или околу 270 милиони евра, а инфлацијата се предвидува да достигне 3 отсто. Финансирањето на дефицитот во државната каса за догодина ќе се обезбеди преку заеми од Светската банка, но и со позајмување на околу 250 милиони евра од комерцијалните банки.
Светската банка ќе се појави како гарант, што ќе обезбеди подобри услови за позајмување на пазарите на капитал.
Според првичните податоци, капиталните инвестиции во новиот Буџет ќе се зголемат само за околу 16 милиони евра во споредба со годинава, а повеќе пари се планирани за инвестиции во здравството и во образованието. Меѓутоа, Владата во државната каса за 2013 година планирала и зголемување на пензиите за 5 отсто и зголемување на социјалните трансфери. Ставрески изјави дека ќе се штеди на непродуктивни трошоци за да може државата соодветно да одговори на последиците од економската криза. „Ќе се обидеме да ги постигнеме главните цели, да имаме баланс меѓу потребата да се заштитат најранливите граѓани, како што се пензионерите, социјалните категории и слично, а од друга страна, ќе се обидеме да му помогнеме на стопанството преку оптимално дозирање на износот на капитални инвестиции и навремено плаќање на сите обврски од страна на државата. Настојуваме да обезбедиме повеќе средства за образованието, за реконструкција и за изградба на нови училишта, во здравството ќе има нешто повеќе пари. Кај капиталните инвестиции ќе има зголемување барем од една милијарда денари”, изјави Ставрески на државната телевизија. (Ек.Р.) |