02.11.2012, 14:48 Убиецот од „Биг Фиш“ останува во притвор
Адвокатите реагираат дека одлуката за продолжување на притворот на Тони Денковски е незаконска
Кривичниот совет донесе одлука со која притворот на Тони Денковски, обвинет за трикратното убиство во ресторанот „Биг Фиш“ му е продолжен за уште 30 дена. Ваквата одлука предизвика реакција на неговите адвокати. Тие вложија жалба на одлуката, а за случајот ги известиле и сите надлежни институции, како и амбасадите на САД и на ЕУ.
„Според мислењето на судот времето кое што обвинетиот Денковски го минал во затворот ’Идризово’ не можело да се смета дека е време минато во притвор, ��атоа и се прашуваме: каде бил Денковски? Повеќе од сигурно не бил на одмор. Точно е тоа дека уште по изрекувањето на првостепената пресуда тој побара да биде преместен во затворот ’Идризово’, но и тој период влегува во тајмингот од поднесениот обвинителен акт. Тврдат дека бил на издржување на казна. За каква казна говорат кога пресудата е укината и казна не постои“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Обвинението за Денковски беше донесено на 28. октомври 2010 година, но и по две години се уште нема судска пресуда. Според адвокатите, периодот од две години од поднесување на обвинение е минат и тој се стекнал со право да се брани од слобода.
Тони Денковски со неколку рафали од автоматска пушка ги уби велешаните Јордан Јорданов викан Р’кулот и Влатко Андреевски, како и полицискиот работник Владо Милошев. Со првата пресуда тој беше осуден на доживотен затвор и на пет години поради поседување оружје. Пресудата беше потврдена од Апелациониот суд, но поради суштински повреди во постапките, Врховниот суд ги укина пресудите. (Љ.С.)
|