01.11.2012, 16:02 Почна електронското полагање на возачки испит
Тетово - Првата група од 20 кандидати за стекнување возачка дозвола по нов метод денеска полагаа во Испитниот центар „Авто мото старт“ во Тетово. Овој електронски начин го проследи и Гордана Јанкулоска, министерката за внатрешни работи. Притоа беа воочени новините во полагањето и стекнувањето со возачка дозвола.
„Од денес кандидаите ќе полагаат во електронска форма, која елиминира секакви субјективизми, а исходот кандидатите ќе може да го дознаат веднаш по полагањето. Рано е да даваме оценки кои се предностите на новиот начин на полагање. Сепак, законот дозволува во наредните 12 месеци кандидатите да можат да полагаат и на печатена верзија. Меѓутоа, оние познати 30-тина комбинации на тестови што до сега беа во примена, натаму невозможно е да се добијат, а со тоа и кандидатите ќе мора поподготвено да се јавуваат за полагање возачки испити. Во секој случај, новиот начин не дава можност за повторување на тестовите“, рече Јанкулоска. Таа нагласи дека практично од вчера воведен е електронски начин на полагање возачки испити во сите осум центри во државата. (Г.Е.)
|