01.11.2012, 10:34 Стартува примената на електронската здравствена картичка
Досега се дистрибуирани 65.000 здравствени картички на вработени во 1.300 државни и јавни институции и на членови на нивните семејства
Од денеска почнува практичната примена на електронската здравствена картичка. Осигурениците кои веќе ги имаат добиено новите електронски картички при користење здравствена услуга во установи кои работат со Фондот за здравствено осигурување нема да има потреба да носат сини картони.
Досега се дистрибуирани 65.000 здравствени картички на вработени во 1.300 државни и јавни институции и на членови на нивните семејства. Подготвени се и треба да се достават уште 133.000 електронски здравствени картички, исто така, за вработени и членови на нивните семејства во овој сектор.
Картичките ќе може да се користат во сите здравствени установи и аптеки, каде се обезбедени минимални услови, односно имаат добиено бесплатни читачи од Министерството за здравство. Секоја здравствена установа има добиено по два читача.
Здравствената картичка на почетокот ќе биде само замена за сините картони, а понатаму може да се надгради и да содржи и здравствени информации. Засега има само лични податоци за осигуреникот, кој при првото користење на картичката ќе треба да впише пин од комбинација на пет бројки.
Сите осигуреници електронски здравствени картички треба да добијат до средината на наредната година. Први се вработените и членовите на нивните семејства осигурани преку нив во државните и јавните институции. Во периодот од јануари до април треба да се достават до невработените и лицата со ниски примања и за пензионерите во периодот од март до мај.
Во следните три години електронската картичка ќе се користи паралелно со старата здравствена книшка.
Здравствената електронска картичка чини 250 денари за вработените, 100 денари за невработените и оние со ниски примања и пензионерите, а социјалните случаи врз основа на потврда од Министерството за труд и социјална политика ја добиваат без надомест. |