02.11.2012, 10:20 Орав: Никој нема гаранции што ќе се случи во декември
Грција направи еден чекор, сега вашата Влада треба да одговори на меморандумот и тоа што е можно побрзо, изјави Аиво Орав, амбасадор на Европската Унија во Македонија.
- Важно е да се продолжи. Има чекор направен од Грција и вашата Влада мора да одговори сега. Грција е наша земја членка и ние се надеваме дека вашата Влада ќе одговори на овој предлог и тоа што е можно побрзо – секако кога се подготвени за тоа. Предлози како тој бараат време за да се разгледаат колку што е можно повеќе, вели евроамабасадорот во интервју за порталот еВести.
За тоа кое е мислењето на Орав за напредокот на земјата во последната година, тој вели дека овој извештај за напредокот беше навистина за напредок, бидејќи многу работи тргнаа.
- Имаше и слушнав и многу критики од некои луѓе дека има и многу предизвици нотирани во извештајот и да, тое е точно. Но ако не е така, и ако нема доза на критики и наведени предизвици тогаш земјата треба да ги почне преговорите утре. Но, секако земјата не е подготвена да ги почне преговорите утре. Земјата има уште пред да ги почне преговорите и мислам дека извештајот покажува дека има добра можност за отворање на тој процес. Таква препорака даде и Комисијата, но останува на Советот на земјите членки, да одлучат дали е вистинско време за старт на преговори или нешто друго треба да се стори, рече евроамбасадорот.
Сега не може да каже колку е реално Советот на ЕУ да одобри датум за преговори за Македонија.
- Не можам да кажам ништо сега. Многу луѓе од Европската унија работат на ова многу напорно, посветени се и луѓе од Комисијата, а земји членки. Што ќе се случи во декември навистина не знам, вели тој.
На прашањето дали можност за Македонија е преговори без решение за името со услов тоа прашање да се затвори во рана фаза од преговорите вели дека ако се чита препораката на овој начин секако и се уште значи дека решавањето на проблемот со името е главниот услов.
- Но, решение мора да има и тоа што е можно побрзо, уште денес. Предлогот од Комисијата да се почнат преговори значи тој процес и процесот за решавање на името да се водат паралелно, но името да се затвори во рана фаза. Ова е можност за земјата иако оваа одлука не е одобрена од земјите членки сеуште. Она што е важно е да се продолжи со реформите и да се посвети што е можно поголемо внимание на градење добрососедски односи. Тоа е голем предизвик за Владата во овој момент.
За тоа дека Грција се уште не реагирала на овој предлог, Орав вели дека не значи дека ако некој политичар или официјален пртставник не кажал нешто на прес-конференција дека не се случува ништо. - И Грција работи напорно, додава тој.
Многу е важно, истакнува евроамбасадорот, да продолжат реформите. - Што и да се случи во декември, реформскиот процес мора да продолжи. Тоа е во интерес на вашата земја, на сите граѓани. Ако успеете да го хармонизирате законодавството со тоа на Европската Унија, тоа значи дека еден ден кога ќе ги почнете преговорите ќе биде многу полесно земјата да продолжи. Ако е се завршено може да отворите преговори во една област наутро и да ги затворите навечер. Разбирливо е дека на политичарите им е тешко да ги составуваат тие извештаи, но работата мора да се заврши, изјави Орав.
За тоа како гледа на политичката атмосфера во Македонија, евроамбасадорот вели дека не сака да шпекулира за тоа што ќе се случи, но оти Охридскиот рамковен договор е клучен за да се одржи стабилноста и ние следиме како се имплементира овој документ.
|