02.11.2012, 12:30 Владата со нови мерки за развој на бањскиот туризам
Со сериозен, системски план и пакет-мерки Владата ќе ја засили поддршката за развој на бањскиот туризам. Донесување нов закон и измена на постоечките за доуредување на дејноста, интензивно привлекување странски капитал преку економските промотори, обезбедување извори за отворање нови бањи и продажба на градежни парцели за изградба на спа-центри, се само дел од планираните активности.
Како што соопшти денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, за оваа цел се веќе консултирани странски експерти и сопствениците на актуелните капацитети. Во целиот проект најмногу ќе се користат словенечките искуства.
- До крајот на годината ќе биде поднесен нов закон за бањи и ќе се распишат постапки за отуѓување земјиште за изградба на бањи во Виница за локалитет Истибања, во Пробиштип за локалитет Добрево - Злетово, во Дебар за бања Бањиште, во Штип за Бања Кежовица, во Струмица за Бања Банско и во Кратово кај селото Вакув за спортско-рекреативен и бањски комплекс, рече Ѓорѓиев.
Со измените на Законот за минерални суровини што е веќе во собраниска процедура, а е во насока на привлекување странски инвестиции, предвидена е можност за дополнително искористување на минералните, термалните и термоминералните води кои ги користат субјекти што веќе вршат друга дејност со нив, како оранжериско производство, но и постоечките бањи. Владин меѓуресорски тим идниот период ќе посети неколку капацитети и ќе изврши мерења на искористеноста каде што има минерални, термални и термоминерални води. Станува збор за Долни Полог - Кочани, Истибања - Виница и Смоквица - Гевгелија, места од кои водата се користи за загревање на оранжериското производство, Здравевци - Кратово каде што водата се флашира, како и Бањски Рид, Катланово - Петровец, Косоврасти и Бањиште - Дебар, Банско - Струмица, Негорска Бања, село Негорци - Гевгелија каде што водата се користи за балнеологија.
- По испитувањата на овие постоечки концесиски места ќе се утврди можноста за основање бањи и нивно давање под нова концесија, како и понудување на странски инвеститори, истакна Ѓорѓиев.
Според него, три нови локации ќе добијат концесионери за искористување на водите кои може да се употребат за бањски туризам, Проевце - Куманово (Кумановска Бања), Кежовица - Штип и Стрновец, Кумановско.
|