01.11.2012, 15:49 Потврдена затворската казна за Панде Лазаров
Скопскиот Апелационен суд ја потврди одлуката на кривичниот суд со која поранешниот прв човек на ЕСМ беше осуден на пет години затвор
Делото за кое Лазаров во март годинава беше осуден, било направено во 1996 и во 1998 година. Во тој период на Лазаров му биле исплатени 300.000 американски долари и тогашни 190.000 германски марки. Станува збор за пари кои му биле исплатени на име договорена провизија за склучени бизнис со компаниите МАН Такраф Фордертехник од Лајпциг, Германија и кинеската Хаинан С.И.Т Ентерпрајс Корпорејшн, а кои, пак, за возврат требало да испорачаат опрема за потребите на РЕК „Осломеј“ и ХЕЦ „Козјак“.
Парите легнале на сметка на Лазаров МКБ Банк НЗРТ во Будимпешта, Унгарија, а по основ „консултантски услуги“ и кинеската компанија уплатила околу 300.000 долари. Обвинувањата на сметка на Лазаров беа дека тој сакал да го прикрие потеклото и текот на парите и затоа германските марки ги претворил во долари, а потоа сите ги префрлил на нова банкарска сметка во берлинската Ландесбанк.
Години наназад, колку што траеше овој судски процес Лазаров тврдеше дека тој не ја злоупотребил својата позиција, туку дека парите му биле заработени со тоа што тој давал консултантски услуги. (Љ.С.)
|