04.11.2012, 16:33 Многубројно семејство е благодат
Пецови отсекогаш сакале големо семејство, желбата им се исполнила со раѓањето на Илина
Маја Томиќ
Да се имаат повеќе деца, да гледаш како си играат низ домот браќа и сестрички, како трчаат, џагорат, плачат, се смеат, а понекогаш, како и сите дечиња, да се потскараат и степаат меѓу себе, најчесто за некоја играчка, е голема радост. Вака Гоце (35) и Драгана (33) Пецови од Скопје ја објаснуваат својата желба и решеност да имаат три деца. Па, по раѓањето на првото дете, синот Даниел, пред 5 и пол години, по само една година дошла на свет Јоана и на крај најмалата Илина, која има само една година.
„Многу сакавме еден ден да имаме многубројно семејство, уште како млади, додека се забавувавме. Пред се' затоа што јас пораснав само со мајка ми, немам брат или сестра. Во почетокот, немавме поим што значи тоа и што всушност не' чека. Кога се роди Даниел сфативме дека не било така лесно да се чува дете. Ама набрзо се' стана некако вообичаено и нормално“, вели насмеано Драгана. Додава дека им било најтешко да се снајдат со секојдневните семејни обврски кога се родила Јоана, која е само една година помала од Даниел.
„Затоа мајка ми често доаѓаше и уште доаѓа кај нас и ни помага околу грижата за децата како и во секојдневните обврски. Помалку можат да ни се најдат родителите на Гоце, затоа што живеат во Виница, ама тие, пак, ни праќаат разна приготвена зимница“, ведро вели Драгана.
За Илина, своето трето дете, Пецови добиваат месечна помош од државата во висина од 8.500 денари, додека таа не наполни 10 години. Но, тој факт децидно го отфрлаат како главна причина за нивната решеност за трето дете. Велат дека дури по неколку месеци од нејзиното раѓање преку медиумите разбрале дека можат да побараат парична помош од државата. Тогаш Гоце се ангажирал околу комплетирањето на потребната документација и откако таа била доставена во Министерството за труд и социјала, по кусо време почнале да им се исплатуваат парите. При тоа, до сега немало ниту еден месец задоцнување, а тие регуларно ги доставуваат во бараниот рок потребните документи. Пецови велат дека речиси сите пари од Владата одат за намирување на трошоците за градинка, за млеко и за пелени за Илина.
„Воопшто не се надевавме на парична помош од државата, но секако таа ни е добредојдена, иако и двајцата сме вработени. Тоа е нормално бидејќи трошоците за децата, за храна, облека, градинка и друго, не се баш мали. Сакам да нагласам дека имаме три деца затоа што ние се љубиме и сакаме нашата љубов да им ја преточиме на сопствените деца. А, не заради парите од Владата“, нагласува Гоце. Тој додава дека нивните родители, пријатели и роднини им дале целосна поддршка во решеноста да имаат трето дете. Им рекле дека е тоа добра и воедно храбра одлука. А, реакциите на луѓето со кои Пецови се сретнуваат во разни пригоди се различни.
„За жал, живееме во средина каде што луѓето најчесто имаат по едно или две деца. Па, често кога ќе не' сретнат некои случајни минувачи не' застануваат и воодушевено не' прашуваат: ’Сите три се ваши?’. А, ние се смееме потврдно. Но, има и зли јазици. Некои цинично ни коментираат: ’Одлучивте да одите на трето дете за да земете пари од државата, а’“, нерасположено раскажува Гоце.
Дали би имале и четврто дете? На ова прашање Пецови се потсмеваат. „Да“ вели Драгана. „Во секој случај, не би ја прекинала бременоста. Но, сепак, не во скоро време. Малку нека пораснат децата и да си го обезбедиме станбеното прашање, за што неколку опции се во игра. Ќе видиме“, објаснува таа. |